Андалузиски раженчиња

Без скара(или соодветен професинален шпорет) овој рецепт не бидува. Имајте на ум дека маринираното месо треба да отстои околу 8 часа во фрижидер или во студена просторија. Оригиналниот рецепт потекнува од медитеранската кујна, со африканско влијание, а се смета дека Маврите го пренеле на шпанска територија. Локалното население го прифатило, но сменета е основната состојка, месото(наместо јагнешко или телешко употребиле свинско месо) и го нарекле Pinchos Morunos. И да, плаче за пивце рецептов, за поубаво да лизга.

Прочитај повеќе
  1. Свинското филе треба да е без коски и да е со дебелина од околу 1 цм. Исечете го на 32 парчиња, со големина колку еден залак. Лукот треба да се излупи и ситно да се исечка.
  2. Исечканиот лук, црвениот пипер, кимот, циметот, буковецот, солта и црниот бибер истурете ги во подлабок сад. Додадете 4 лажици маслиново масло и доматното пире и фино промешајте.
  3. Во садот истурете ги парчињата месо и убаво измешајте ги со веќе подготвената маринада. Покријте го садот со фолија и ставете го во фрижидер да отстои 8 часа.
  4. Половина час пред да започнете со готвење, потопете 16 кратки дрвени стапчиња во студена вода. Загрејте ја плочата за печење на скарата и премачкајте ја со 1-2 лажици маслиново масло. Извадете ги семките од зелената пиперка исечкајте ја на 16 парчиња. Зовријте вода во тенџере и додадете ги парчињата зелена пиперка и бланширајте околу 1 минута. Потоа истурете ја врелата вода и под чешма со студена вода изладете ја пиперката. Извадете ги парчињата пиперка од водата и оставете ги на крпа да се исушат.
  5. Наденете парче месо на стапче, потоа парченце зелена пиперка и повторно парче месо. Повторете ја постапката на тој начин што секое од 16-те стапчиња треба да содржи вкупно 2 парчиња месо и 1 парче пиперка.
  6. Распоредете ги стапчињата месо на загреаната скара и премачкајте ги со преостанатата маринада. Печете 13-15 минути и често превртувајте ги стапчињата, се додека месото убаво не се испече и на одредени места да подизгори.
  7. Веднаш послужете со парчиња лимон, кој сака да си ја напрска порцијата со лимонов сок.

0 коментари

Луѓе на кои им се допаѓа рецептот

Опис